Министрите на ДУИ и формално ќе ги поднесат условените оставки на седница на Влада, за опозицијата потегот е политички маневар за дефокус на јавноста
Условените оставки на министрите од ДУИ денеска формално ќе бидат доставени до премиерот на владина седница потпишани поединечно од секој од петмината министри, најави вчера шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ Бујар Османи.
Оставките, како што образложеи, по автоматизам ќе се активираат веднаш штом бидат усвоени уставните измени, без нови одлуки од партијата, како што е наведено во писмото од партискиот лидер. Ова се ретки времиња во историјата на една држава кога партиските и личните агенди и кариери се помалку важни од одговорноста што секој ја носи во однос на иднината на земјата и на граѓаните, наведе Османи во телевизоско гостување појаснувајќи го потегот. Во однос на ставот на опозицијата дека нема разговори за уставните амандмани и дека сега на маса се само предвремни избори, оцени дека со тоа на виделина излегуваат двете различни агенди - изборите, личните агенди, партиските агенди наспроти државните интереси.