Министерството за земјоделие ја проверува работата на новиот концесионер на Охридското езеро
Foto

Министерството за земјоделие ја проверува работата на новиот концесионер на Охридското езеро

Сериозните обвинувања на охридско струшките рибари дека новиот концесионер  врши криминал врз фондот во езерото и работи противзаконски стигнаа до слухот на надлежните.

Инспекциските служби на министерството за земјоделие се на терен и комплетно ја чешлаат работата на концесионерот ,,Летница Белвица" која е во сопственост на стружанецот Милорад Чавковски кој пак е стопан на езерото од месец октомври.

„Излезени се на терен Државниот инспекторат за земјоделие, трудова и пазарна инспекција и се чека извештајот од нив кој ќе покаже дали има злоупотреба во работењето на концесионерот.Доколку се утврди дека обвинувањата на рибарите се вистинити ќе ве информираме за мерките кои во иднина ќе се преземат." – велат од Mинистерството за земјоделие.

За потсетување рибарите пред околу десетина дена јавно раскажаа за злоупотребите кои ги прави концесионерот.Тие и понтамау стојат зад ставот дека Чавковски работи на црно, им исплаќа пари на рака, не им дава договори за работа, рибите ги откупува по најниска цена, а на многумина од нив им должи огромни суми на пари кои не сака да им ги исплати. Обвинуваат и дека самиот незаконски си поставил подконцеионер кој му ги врши ,,валканите работи”.

Но, Чавковски и понатаму остро ги отфрла ваквите сведочења на дел од рибарите,тврди дека работи законски во целост, негира дека постои подконцесионер туку рибочувар кој само му помага во работата.Единствено за што тврди дека е вистина е тоа дека договорите за работа им биле раскинати за месеците ноември и декевмри, бидејќи според законот тие месеци  биле забранети за лов на пастрмка и белвица на одреден дел од струшкото крајбрежје.

Последниот збор околу тоа кој во целост ја кажува вистината  во случајов ќе ја обелодени извештајот на инспекторите кој според информациите треба да излезе до крајот на неделава.

0 Коментари

Остави коментари