Министерството за здравство препорачува носење маски во затворени простории при подолг престој и редовно проветрување

 При престојување во затворена просторија подолго време да се носат маски, а лицата од ризичните категории маска минимум ФПП2 или Н95 или ФФП3. Просториите во кои се престојува подолго (канцеларии, занимални во градинки, сали за состаноци и слично), како и спортски објекти, редовно да се провертуваат и да се дезинфицираат. Да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра. 

Ова се дел од препораките кои денеска Министерството за здравство и Комисијата за заштита на населението од заразни болести ги упатија поради, како што наведуваат, во нашата држава се забележува зголемување на трансмисија на коронавирус, но и дека ова е општ тренд што не може да се очекува да не одбегне. 

Од Министерството за здравство и Комисијата за заштита на населението од заразни болести посочуваат дека активно ја следи состојбата со КОВИД-19 во земјата, но и активно ги следи состојбите и на европско и светско ниво. 

–Затоа, иако во моментот состојбата е релативно мирна, со цел да остане таква Министерството за здравство препорачува внимание и преземање мерки за лична заштита. Ова особено се однесува, но не исклучиво, на постарите лица, лицата кои имаат една или повеќе хронични болести, и сите кои имаат намален имунитет поради која било причина, истакнуваат од министерството. 

Препорачуваат доколку граѓаните почувствуваат некои од стандардните симптоми (сува кашлица, температура, болки во грло, болки во мускулите и слично) веднаш да побараат помош од матичен лекар и задолжително да носат маска.