Министерството за култура одобрило 30.000 евра за непостоечки проект за скопскиот Аквадукт
Foto

Министерството за култура одобрило 30.000 евра за непостоечки проект за скопскиот Аквадукт

Околу 30 илјади евра се одобрени со Годишната програма на Министерството за култура за реализација на непостоечки Основен проект за конзерваторско-реставраторски работи на Аквадуктот во Скопје.

Ова го тврди директорот на НУ Конзерваторски центар – Скопје, Коле Чапканоски кој вели дека основниот проект кој е финансиран од Министерството за култура не постои, проблемот го лоцира кај управниот одбор на установата со која тој директорува, а е под надлежност на Министерство за култура. 

Директорот Чапканоски вели дека првично се барале близу 163 илјади евра, но сепак Комисијата за културно наследство при ресорното Министерство одобрило околу 30 илјади евра со намена за зачувување на недвижното културно наследство Аквадуктот во Скопје. 

Претседателката на УО на Конзерваторскиот центар, Јулијана Тричковска потврдува дека побарале и добиле пари за реализација на непостоечки Основен проект, а вината за застојот ја лоцира кај директорот. Според неа – основиот проект досега требало да биде готов. 

Од Министерството за култура Телевизија 24 побара одговори во однос на овој случај на одобрени буџетски средства за проект кој во оваа фаза не постои – но одговор не добивме.

Ова не е првпат Конзерваторскиот центар – Скопје да добие пари преку ресорното Министерство, а средствата да не бидат искористени целосно. 

Лани биле доделени близу 18 илјади евра за што директорот тврди дека мал дел од тие пари биле потрошени за изработка на Идеен проект за Аквадуктот за кој тврди дека е во завршна фаза – а останатите околу 15 илјади евра биле вратени назад во буџетот. 

Според директорот, непотрошените средства треба повторно да се доделат, но сега за изработка на основен проект. 

За Аквадуктот, како значајно култрно наследство, пари најави и Град Скопје, но не прецизираше колкава е сумата. Аквадуктот денес претставува една од позначајните знаменитости на градот Скопје кој се наоѓа на само 2 километри од центарот на градот и истиот сведочи за минатото и сегашноста за недвижното културно наследство кое го поседува земјава. 

 

0 Коментари

Остави коментари