Министерството за култура и натаму без информација за добиениот случај на суд, од страна на синдикатот
Пресудата која ја соопштивме не е ничиј став, туку е непобитен факт и истата е донесена на 11 септември 2025година реагира претседателката на Синдикатот за Култура, Вера Атанасовска по вчерашниот одговор на ресорното министерство дека до нив нема информација за тужба.
Атанасовска појаснува дека им се крати од плата без за тоа да има основ. Потенцира дека на овој начин Министерството за култура и туризам покажува игнорантски однос – го повикуваат министерот Зоран Љутков да се информира за ресорот кој го води и конечно да застане зад вработените од културата.
Од Министерството за култура и туризам и денеска остануваат на вчерашниот став дека:
„Министерството за култура и туризам ја информира јавноста дека до овој момент до институцијата не е пристигната никаква официјална информација поврзана со изнесените наводи. Министерството нема никакви конкретни сознанија ниту за тоа за која институција се однесуваат истите.“- велат од Министерство за култура и туризам.
Дополнително, од Синдикатот за култура нагласуваат дека вториот проблем кој им се оспорува, а за тоа дополнително да им се намалат платите, е колективниот договор за кој велат дека нема да дозволат истиот да не се почитува.
Синдикатот тврди дека Министерството за култура и туризам, и покрај судската одлука, продолжува да носи незаконски решенија со номинални износи наместо законска формула, чие кроење го прават истите службеници и во минатата и во сегашната власт.
Со над 1.500 членови биле поднесени над 1.000 приговори. Од нив, повеќе од 200 приговори беа усвоени од Управните одбори на институциите, додека за 800 приговори што не беа усвоени, СКРМ поведе судски постапки.

