Министерството за економија ќе додели ваучери за туризам од 18.000 денари за работници со ниски приходи
Министерството за економија согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи во 2024 година ќе доделува потврди-ваучери за одмор на овие категории на граѓани. Јавниот повик ќе биде објавен во понеделник на 12 февруари, а сите работници кои имаат ниски приходи ќе може да аплицираат за ваучер-потврда во вредност од 18.000 денари, објави министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Како што кажа министерот, главната цел на оваа мерка за која и изминатите години имаше голем интерес е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона.
„За оваа мерка се обезбедени средства во износ од 64.000.000 денари (околу еден милион евра) односно ќе се издадат вкупно 3.555 потврди-ваучери за одмор за работници со ниски приходи. Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари”, кажа Бектеши.
Според министерот Бектеши, потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во некој од угостителските објекти од Листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб страната на Министерството за економија.
„Потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 01 декември 2024 година”, кажа министерот.