Министерство за здравство: Комисијата за операции на срце нема да ги пролонгира постапките, туку ќе обезбеди заштита на пациентите

Елективните и итните случаи нема да бидат предмет на административно одложување, велат од министерството за здравство по реакцијата на здружението за превенција од кардиоваскуларни заболувања дека формирањето стручно тело кое ќе одлучува за кардиохируршките операции во иднина - може да доведе до пролонгирање на процедурите и дека за животот на пациентот не смее да одлучува бирократска комисија.....

Здравствените власти тврдат дека целта е да се обезбеди дополнителна заштита на пациентите,

Министерство за здравство

- Министерството за здравство со внимание ги разгледува реакциите на здруженијата на пациенти и нагласува дека целта на најавениот стручен и контролен механизам е да обезбеди дополнителна заштита на пациентите. Елективните и итните случаи нема да бидат предмет на административно одложување. Министерството ќе инсистира секоја одлука да се темели на јасни клинички критериуми, стручни протоколи, документирана медицинска основа и проверлива трага во системот, со цел да се спречат субјективни, нетранспарентни или произволни одлуки.

Четири дена откако министерот за здравство објави на прес конференција и повеќе од една недела откако странската комисија утврди сомнителни наоди за операции на срце – ниту една институција нема постапено за утврдените пропусти.

Од обвинителството и натаму нема одговор дали го добиле извештајот и дали ќе отворат предмет. Информација нема ниту од Антикорупциската комисија.

Извештајот од странската експертска комисија се однесува на вкупно 13 предмети, а кај девет од нив се утврдени сомнителни наоди во дијагностичката евалуација и несоодветна индикација за ендоваскуларни или хируршки процедури.

Министерот Алиу рече дека извештајот нема да биде јавно објавен бидејќи содржи медицински и лични податоци.