Министерство за правда: Помилување може да има само доколку е донесена правосилна судска пресуда

Со новиот Закон за помилување кој вчера беше разгледан и утврден на седница на Влада, претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на определени лица, појаснуваат од Министерството за правда.

При изготвување на законот, како што соопштија денеска од Министерството за правда, биле разгледани повеќе компаративни искуства како што се решенијата содржани во правните системи во државите членки на Европската Унија и од оние држави со кои имаме слични правни системи.

Од Министерството за правда велат дека причините за донесување на Законот за помилување произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со предлогот.