Министерство за енергетика: Македонија е меѓу најснабдените во регионот со нафтени ресурси
Воените дејствија во Иран и поширокиот регион на Блискиот Исток, како и прекинот на транспортот на нафта низ Ормускиот теснец, предизвикаа нагло зголемување на цените на енергентите на светските пазари во изминатите два дена.
Цената на суровата нафта достигна околу 85 американски долари за барел. Сепак, надлежните институции во земјава уверуваат дека домашниот енергетски систем останува стабилен и дека нема простор за загриженост кај граѓаните.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека континуирано ја следат состојбата на глобалните пазари и дека државата е меѓу најснабдените во регионот со нафтени ресурси.
Телоп: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
Во овој момент, државните резерви се стабилни и, според расположливите информации, нашата земја е меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето. Покрај стратешките резерви, редовната набавка на нафтени деривати се реализира повеќепати во текот на годината, а резервите се дополнуваат континуирано и согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски. Со тоа се обезбедува стабилност, предвидливост и сигурност во снабдувањето на граѓаните и стопанството“, соопштуваат од ресорното министерство.
Сличен став изнесе и министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска, која нагласи дека Министерството за финансии внимателно ја следи состојбата и, доколку се укаже потреба, ќе пристапи кон измени на акцизата во согласност со важечката законска рамка.
Од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека во 2022 година, по почетокот на војната во Украина, е воспоставен механизам за секојдневни пресметки со цел утврдување на условите за донесување одлука за определување на највисоките малопродажни цени на одделни нафтени деривати. Според Комисијата, ваквиот пристап овозможува сигурност, стабилност и предвидливост на пазарот, со примарна цел заштита на потрошувачите од значителни ценовни осцилации.
„РКЕ носи вонредни одлуки секојпат кога пресметките покажуваат дека во крајната малопродажна цена ќе има зголемување или намалување од најмалку 2,00 денари за литар кај бензините, дизел-горивата и екстра лесното масло за домаќинство. За мазутот, одлуки се носат кога пресметките укажуваат на промена од најмалку 1,00 денар за литар“, појаснуваат од РКЕ.
Во меѓувреме, цените на природниот гас во Европа бележат раст од над 20 проценти, достигнувајќи највисоко ниво во изминатата година. На референтната холандска дигитална берза TTF, цената на еден мегават-час гас за испорака во април изнесуваше 39,84 евра во утринските часови, што претставува зголемување од 24,6 проценти во однос на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела. Во одреден момент, цената се доближи до 41 евро за мегават-час. Според достапните податоци, станува збор за највисока утринска цена од 14 февруари минатата година.

