Министерствата за земјоделие и економија допрва ќе ја проверуваат цената на вештачките ѓубрива, за да превенирале ценовен шок

Цените на вештачките ѓубрива се во пораст, признава министерот за земјоделие, Цветан Трипуновски, кој денес од Штип најави дека утре на состанок со Министерството за економија и труд  заеднички ќе прават скрининг на увозниците на вештачки ѓубрива.

Целта е, како што рече, да го превенираат ценовниот шок, а скринингот е во делот на тоа по која цена се увезени вештачките ѓубрива, но и колкава е маржата што ја имаат употребено во делот на продажбата. 

Цените на вештачките ѓубрива на светските берзи, но и кај нас, бележат вртоглав раст. Додека трошоците за производство се зголемуваат, земјоделците, па и сите засегнати стравуваат дека годинашниот принос ќе биде драстично намален или дека ќе работат со огромни загуби. 

Инаку, експертите укажуваат на тоа дека доколку не се интервенира брзо, мерките кои допрва ќе бидат донесени за да се спречи поскапувањето ќе бидат задоцнети.

Тоа ќе значи дека македонското овошје и зеленчук, кое веќе се бори со силната конкуренција од увозот, годинава ќе има уште повисока производствена цена која пак, тешко ќе ја платат домашните потрошувачи.