Министерски состанок за Коридор 8 во Тирана

Коридорот 8 не е само пруга и автопат – тој е клучен за проширувањето на ЕУ и стратешка цел на Италија за обединување на Балканот. Ова го порача шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани од Тирана, за време на министерскиот состанок за Коридорот 8. 

На иста маса – министрите од  Албанија, Македонија, Италија, заменик министерот за надворешни работи на Бугарија и амбасадорот на Романија во Тирана – заокружија заедничка цел: поврзан Балкан како чекор поблиску до ЕУ .

Шефицата на албанската дипломатија Елиса Спиропал, изјави дека Албанија не чека да се случи Коридорот 8 - туку веќе го гради. 

Министерот Муцунски настапи со иницијатива – Македонија заедно со Бугарија да биде ко-домаќин на следниот состанок за Коридорот 8. Од Софија пак стигна и конкретен потег. Заменик-министерот Павлов изјави дека бугарското Собрание без ниту еден глас против -  го ратификуваше Договорот за изградба на меѓуграничниот железнички тунел – клучната врска меѓу двете држави.

Минатата недела албанскиот премиер Еди Рама потврди дека Коридорот 8 влегува во плановите на НАТО и ќе биде признаен како безбедносен коридор за колективна одбрана. Со тоа, трасата од Јадранот до Црното Море станува стратешка артерија на регионот, што го зацврстува Балканот како клучна безбедносна и геополитичка оска во Европа. Вкупната должина на Паневропскиот транспортен коридор 8 варира помеѓу 1220 и 1350 километри.