Министерска тројка предводена од премиерот за прв пат на Европскиот совет во Брисел
Дипломатска офанзива на Мицкоски во Брисел - порача дека ќе ја пренесе фрустрацијата на македонските граѓани, неофицијално на масата ќе бидат и уставните измени со одложено дејство.
Во друштво на министрите Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани, премиерот денеска патува во седиштето на ЕУ. Посетата ќе ја започне утре - на работен ручек со шефицата на ЕК Урсула Фон дер Лајен и лидерите од Западен Балкан. Најавен е тет а тет разговор со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел. А средби ќе има и со еврокомесарот Оливер Вархеји и директорот на директоратот за проширување Копман.
Премиерот не сакаше да коментира за тн француски предлог плус, порача дека во Брисел фокусот е планот за раст, но и дека ќе бара гаранции од европските челници дека преговорите со ЕУ нема да се билатерализираат.
- Сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонски граѓани, да ја пренесеме таму. Повеќе од деценија и пол не сме во можност да почнеме преговори со ЕУ оти има вештачки наметнати пречки кои ниту една друга земја ги немала. - рече Мицкоски.
Сепак, во време кога се менува гарнитурата во Брисел и се зборува за позициите на новите лидери и еврокомесари, дали и колку Македонија може да издејствува поместување од европскиот ќорсокак во кој се најде изминатиот период?
- Фокусот на Брисел оваа недела, во голема мера ќе биде коформирањето на Европската Комисија. Нашата влада е се уште нова, така што, не верувам, никој во овој момент, не може да очекува било какви одлуки од било каква форма оваа недела. Во одредена мера и премиерот и останатите членови сакаат да покажат активност во Брисел и со најавите на еврокомесарот Вархеји, дека со Албанија и со Србија ќе се оддржи меѓувладина конференција во октомври, со што значи дека Албанија и формално би била раздвоена од нас. - вели Симонида Кацарска директорка на ЕПИ.
Извори од МНР, пред посетата во Брисел, брифираа дека македонската влада во ЕУ, ќе ги отвори разговорите за уставните измени со одложено дејство, но нема да презентира конкретен формален предлог документ. Порачаа дека ќе се разговара суштински , а техниката ќе се одредува понатаму.
Според преговарачката рамка, Македонија не може да ги продолжи преговорите со ЕУ, доколку не ги вметне Бугарите во Уставот.