Министерот за здравство дообјаснува: Странците ќе плаќаат колку домашните лица без осигурување
Нема изедначување на цените помеѓу странските државјани и осигурените државјани на Македонија, туку изедначување на цените за приватни здравствени услуги-појаснуваат од Министерството за здравство по вчерашната изјава на министерот Фатмир Меџити.
До сите универзитетски клиники и институти потенцираат дека е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги на странците со граѓаните на државава кои се неосигурани и плаќаат приватно.
- Воопшто не станува збор за изедначување на цените помеѓу странските државјани и државјаните на РСМ, туку изедначувањето е со приватните пациенти кои не се здравствено осигурени, односно кои не плаќаат здравствено осигурување. За овие промени не се потребни никакви промени во законот, бидејќи дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. - велат од Министерството за здравство.
Појаснувањето со кое денеска излегоа од Министерството доаѓа откако вчера во јавноста одекна изјавата на министерот Фатмир Меџити дека косовските граѓани во земјава ќе се лекуваат по исти цени како и македонските бидејќи „тие не се странци“.
Од опозицијата со реакција. Го обвинуваат министерот за здравство дека пациентите немаат лекови, медицинскиот кадар се намалува, а Меџити се стремел да лекува пациенти од други држави.
Од министерството за здравство за тв24 велат дека во последните три месеци вкупно 25 директори се разрешени од кои седум се по доставено барање. По доставено барање се разрешени директорите на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола, ЈЗУ УК за неврологија, ЈЗУ Клинилчка болница-Битола, ЈЗУ УК за очни болести-Скопје, ЈЗУ УК за ендокринологија, ЈЗУ Општа болница-Велес, а д-р Маја Манолева е разрешена од ЈЗУ УК за физикална медицина и рехабилитација со одлука за именување на заменици министри.