Министерот Салиу лут на новинарите: За трагедијата во Кочани нe сум виновен сè додека не бидам осуден
Ниту еден обвинет функционер опфатен во истрагата за кочанската трагедија не чувствува морална одговорност и досега нема поднесено оставка од функцијата.
Потврда за тоа е Министерот без ресор, Шабан Салиу, обвинет како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Тој денес влезе во вербален конфликт со новинарите, обвинувајќи ги дека водат судска постапка против него и дека му судат наместо судот.
Салиу изрази и незадоволство што новинари го фотографирале неговото службено возило пред судот. Тој не гледа ништо спорно во тоа што користел службено возило за да се пријави во судот во врска со случајот за пожарот во кочанската дискотека и објасни дека во тоа време бил на работа, извршувајќи ги своите службени должности во периодот од 8 до 17 часот.
Оваа постапка предизвика реакции и прашања во јавноста за етичноста на користењето државни ресурси за приватни правни потреби, а случајот со Салиу предизвика и политички реакции. Опозициската Левица ја обвини Владата за нечовечност и за обид да го заташка случајот со тоа што го задржува Салиу на министерската функција. Владата, пак, најави дека размислува за негово разрешување, но конечна одлука сè уште не е донесена.
Инаку, Салиу беше уапсен во април годинава, но подоцна му беше определена мерка на претпазливост и тој мора два пати неделно да се пријавува во судот. Обвинението го товари за тешки дела против општата сигурност, поврзани со неговата поранешна функција како директор на ДЗС од 2008 до 2017 година.

