Министерот Клековски за Михаилова: Таму нема здравствен случај, затоа избега, опозициските партии бараат оставка од Тошковски
Границата ја премина, системот ја изгуби - повеќе од 10 часа од распишувањето меѓународна потерница по Ива Михаилова – реакциите не стивнуваат...
Опозицијата бара оставка од Тошковски, ВМРО-ДПМНЕ пак истрага за поранешниот директор на Клиниката за неврологија Иван Барбов, кој дал препорака за лекување во Бугарија.
ТВ 24 побара став и од Барбов – но тој не одговори на нашите прашања. На неговиот Фејсбук порача – јас само лекувам пациенти – не сум пуштил никого да избега.
Министерот за здравство Сашо Клековски за случајот со Михаилова вели – здравствен случај нема и токму поради тоа избегала пред да дојде бугарски лекарски конзилиум.
Сашо Клековски – Министер за здравство: „Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното Министерство за тоа бидејќи во основа таму нема здравствен случај “
Здравствените власти најавуваат проверка на медицинската документација – кој и како дал препорака за лекување во странство. Актуелниот директор на клиниката за неврологија веќе побарал од здравствениот инспекторат да постапи.
Во меѓувреме не стивнуваат и партиските реакции.
Валентин Манасиевски– ВМРО-ДПМНЕ: „За осомничената Ива Михаилова, која инаку е осомничена во кривично-правен настан, за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, криминалниот другар и доктор на Филипче и Заев, Иван Барбов, изготвил извештај на ден 19.03.2026 година, во кој јасно се наведува дека нејзиното понатамошно лекување мора да продолжи во соседна Бугарија.“
Опозициската СДСМ пак и денеска со барање за оставка од Тошковски.
Кети Штерјова - СДСМ: „Наместо одговорност и оставка од Тошковски сега народот гледа театар. Се повикува амбасадорот на Бугарија, се распишува потерница, се бара притвор, префрлаат одговорност на некој друг, се тера медиумска кампања, криви им се Филипче, Заев, СДСМ… Границата е швајцарско сирење, решето и за криминалци и за бегалци од правдата“...
Реагира и ЛДП, од каде бараат одговори од премиерот Христијан Мицкоски за пропустите во безбедносниот систем. Од партијата прашуваат како Михаилова ја напуштила земјата без соодветна евиденција и го посочуваат и случајот со Артан Груби, оценувајќи дека двата случаи отвораат сериозни дилеми за контролата на границите и одговорноста на институциите.

