Министерот Димитров и вицепремиерот Османи во Брисел на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ
Foto

Министерот Димитров и вицепремиерот Османи во Брисел на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамки на посетата во Брисел учествуваа на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија, во организација на Грција и Романија.

На работниот појадок, министерот Никола Димитров брифираше за тековните достигнувања во контекст на евро-интеграциите, за спроведувањето на Договорот од Преспа, како и за генералните очекувања од земјите членки во насока на донесување на одлука за почеток на пристапните преговори во јуни оваа година.

„Нашата работа е да ве убедиме дека она што го имаме денес во Северна Македонија е можност за ЕУ. Нашата цел е да се трансформираме и да станеме европски во начинот на кој функционира нашиот систем. Во последната деценија Европа постојано се менува, станувајќи на некој начин движечка цел што треба да ја следиме. Но, нашите интереси остануваат исти - ни треба трансформативната моќ на ЕУ за создавање на европски, стабилен и просперитетен Балкан“, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров. 

На појадокот свое обраќање имаше и вицепремиерот Бујар Османи, кој направи осврт на динамиката и квалитетот во имплементацијата на реформите, согласно Планот 18, кој ги одразува насоките и заклучоците од минатиот јунски самит на Советот на ЕУ. 

„Република Северна Македонија, покрај исклучително големиот успех во адресирањето на отворените политички прашања - Преспанскиот договор со Република Грција и Договорот за добрососедство со Република Бугарија, во ниту еден момент не дозволи намалување на фокусот на земјата од реформската агенда. Имаме солидна динамика на имплементацијата на реформите од Планот 18, и сериозен напредок во сите дефинирани области: владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата,“ истакна Османи изразувајќи надеж дека оваа реформска динамика ќе биде објективно изразена во наредниот извештај на Европската Комисија, што ќе претставува основа за конфирмација на одлуката од страна на Европскиот совет во јуни, за почеток на преговорите со Република Северна Македонија оваа година.

 

 

0 Коментари

Остави коментари