Министерот Чулев дал налог итно да се истражат заканите кон две новинарки
Полицијата ќе постапува по заканите кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска од страна на вработениот во Централниот регистар, Емил Јакимовски.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за ТВ 24 вели дека лично дал инструкции до раководителите на надлежните служби итно да се процесуираат случаите до ОЈО. Министерот Чулев додава дека тој лично ќе се заложи и сите досегашни случаи на закани и напади кон новинари кои не се решени, конечно да се расчистат.
„Јас лично како Наке Чулев но и како актуелен министер за внатрешни работи најостро ги осудувам сите закани кон новинари и медиумски новинари. Јас лично денеска контактирав со новинарката Мери Јордановска при што и беше понудена целосна соработка и поддршка за расчистување на овој случај. Исто така во текот на утрешниот ден издадена е инструкција до раководителот на единицата за насилен криминал при што Мери Јордановска но и новинарката кон која што исто така имало закани - Искра Коровешовска од ТВ АЛФА да донесат материјални докази со цел процесуирање на случајот до ОЈО. Ги охрабрувам сите претставници на медиумите доколку се мета на напади и закани да пријават во МВР за што сторителите веднаш ќе бидат санкционирани до ОЈО со цел превенција на вакви случаи. Сите случаи на насилство врз новинари кои беа извршени во изминативе неколку години, а кои се уште лебдат, јас ќе настојувам и максимално ќе се залагам да се решат за што ќе во текот на наредните денови ќе побарам и соодветна инфомрација од МВР по што ќе бидат информирани и здруженијата на новинари“ - вели Наќе Чулев – Министер за внатрешни работи
Навреди и обвинувања денеска осамнаа и на фејсбук страницата на централниот регистар каде работи Јакимовски.
Директорката Марија Бошковска Јанковски соопшти дека страната е хакирана а се сомнева дека зад ова стои токму Јакимовски.
„Фан страната на Фејсбук е искреирана уште пред 10 години од лицето Емил Јакимовски во времето кога тој бил раководител на Одделението за маркетинг и односи со јавност. Централен регистар се сомнева дека ова лице стои зад постовите кои се појавија на фан страната на социјалната мрежа Фејсбук во изминатото деноноќие“ се наведува во соопштение на Централниот регистар.
Директорката на Централниот регистар вчера соопшти дека против Јакимовски имало и дисциплински постапки бидејќи се заканувал и на други вработени во институцијата.
Името на Емил Јакимовски се почесто почна да се споменува во јавноста откако фунцкионери и новинари јавно проговорија дека од него добивале закани и навреди.