Минимална плата од 500 евра - само пуста желба или реалност?

Додека минималецот во Европа во некои земји рипна и над 2.000 евра, за македонските работници минимална плата од 500 евра сè уште е само пуста желба.

И покрај упорните барања на Сојузот на синдикатите (ССМ) за пораст на минималната плата, како и за раст на сите плати за 6.000 денари, тешко оди битката за повисок стандард на најниско платените работници. Синдикатот „војува“ на неколку фронтови. Крајната цел е поголема плата за работниците коишто едвај врзуваат крај со крај, поради енормниот пораст на цените на храната. 

Првиот синдикалец Слободан Трендафилов деновиве седна на разговори со владини претставници и ги повтори барањата за зголемување на минималната плата на 500 евра, откако претходно Владата сама донесе одлука со која минималецот се зголеми за 1. 800 денари. 

Од Владата порачаа дека ќе го прифатат секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите што ќе биде постигнат во рамки на економско-социјалниот дијалог. Најавите се дека во наредните денови треба да се утврди репрезентативноста на синдикатот и ќе почне со работа Економско-социјалниот совет.