МИМ ги објави наградените стории од конкурсот „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија 2019
Foto

МИМ ги објави наградените стории од конкурсот „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија 2019

Сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“, на новинарот Владо Апостолов, ја освои првата награда на годинешниот конкурс „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2019.

Сторијата која што е објавена на интернет-страницата „Призма“ открива како се злоупотребува системот на јавни набавки за внесување фирми блиски на власта во профитабилниот бизнис за ископ на јаглен за потребите на термоелектраната РЕК Битола.

Второнаградени на конкурсот се Мери Јордановска и Кристијан Ландов, за серијалот текстови за злоупотребите на пратеничките привилегии, објавени на интернет-страницата „А1он“. Сторијата разоткрива злоупотреби од страна на пратениците од внатрешноста на земјата, при изнајмувањето станови во Скопје, платени од буџетот.

Катерина Спасовска Трпковска и Бранислав Закев  ја освоија третата награда за анимираната видео-сторија на тема „Ѕирни во џебот на државата“, објавена на онлајн-магазинот „Балкон3“. Преку истражување на јавните набавки на 15-те институции со најголеми буџети во период од 2015 до 2018 година, како и на ревизорските извештаи, новинарите обелоденуваат бројни неправилности, злоупотреби и неоправдани трошења на јавни пари.

Комисијата одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Зорана Гаџовска Спасовска за сторијата „Имотот на МПЦ и ИВЗ и даночната истрага на УЈП за нив“, објавена на интернет-страницата на „Радио Слободна Европа“, на Александар Манасиев за сторијата „Починати, а редовно добиваат пензија“, објавена на интернет-страницата на редакцијата на македонски јазик на „Дојче Веле“ и на Маја Јовановска и Сашка Цветковска, за серијалот текстови на тема „Кој му дели памет на премиерот“, објавен на интернет-страницата на „Истражувачката репортерска лабораторија“ (ИРЛ).

МИМ по 19-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. Годинава, поради ситуацијата со коронавирусот, традиционалната свеченост за доделување на наградите нема да се одржи.

0 Коментари

Остави коментари