Милевски: ЛДП ја поддржува Владата
Foto

Милевски: ЛДП ја поддржува Владата

Самостојниот настап на ЛДП во парламентот не значи излегување од владеачката коалиција, туку поголема видливост на пратениците на оваа партија, вели лидерот на либерал-демократите Горан Милевски.

Тој ги обвини, како што рече, „опозициските портали“, кои завчера ја објавиле веста за одлуката на ЛДП донесена во август. Милевски смета дека тајмингот на објавувањето не бил случајно избран, но кога тоа веќе се обзнанило, ЛДП решила одлуката да ја активира. СДСМ одамна знаел за неа, но ЛДП ја одложувала нејзината примена неколку пати, заради политичките случувања во меѓувреме.

Вчерашната реакција на премиерот Заев дека тоа е удар за СДСМ и лошо одбран тајминг, Милевски ја смета за излив на нервоза.

Одлуката на ЛДП нејзините пратеници да дејствуваат самостојно во Собранието ја поздрави и лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, кој најави дека е можно и неговата партија да го следи тој чекор. Сепак, и тој повтори дека ова не е ситнење на владеачкото мнозинство.

Трајанов вели дека уште на првиот работен ден на новиот состав на Собранието напишал известување до спикерот Џафери дека ќе дејствува самостојно, но не го доставил, оти имало разговори да се формираат повеќе пратенички групи. Веднаш по формирањето на актуелната Влада, во септември лани партијата БЕСА најави дека нејзините четворица пратеници ќе дејствуваат самостојно, но дека ќе ја поддржуваат Владата на Заев.

0 Коментари

Остави коментари