Миланов: Потребни се законски измени за контрола и регистрација на размножувањето на кучињата
Ќе се реши ли проблемот со кучињата скитници во државата? Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов истакна дека ќе инсистира на законски измени за контрола и регистрација на размножувањето на кучињата миленици, како еден од главните фактори за настанување на бездомни кучиња.
Тој информираше дека Агенцијата има регистрирано околу 140 илјади кучиња миленици во земјава, а колкава е бројката на бездомни кучиња не се знае.
Поддршка за носење на измени на Законот за заштита и благосостојба на животните даваат и од Ветеринарната комора.
Во однос на внесувањето на кучиња од село во град и од еден во друг град, од Агенцијата за храна и ветеринарство појаснуваат дека се во секојдневна комуникација со МВР и имале неколку состаноци за илегалното внесување и извезување на кучиња како и транзит и транспорт низ целата територија на државата.
Инаку, во моментов во земјава има 29 регистрирани и одобрени прифатилишта.