Миланов поднесе оставка во АХВ, го наследи Андовски – кои се причините?
Оставка од Директорското место во Агенцијата за храна и ветеринарство поднесе Оливер Миланов, а на негово место е назначен доскорешниот заменик-министер за здравство, Јовица Андовски. Информацијата ја потврди Социјалистичката партија, чии кадри се двајцата. Партијата им се заблагодари на двајцата за досегашниот ангажман, а Миланов ја презеде функцијата во летото 2024 година.
СОЦИЈАЛИСТИЧКА ПАРТИЈА: Неговиот вложен труд и несебичен ангажман, високо оценети во СПМ и во јавноста, претставуваат негов личен залог за идно извршување на одговорни и високи должности во ресорот на извршно ниво. Честитки и за другарот Јовица Андовски, доскорешниот долгогодишен заменик министер за здравство, за неговото именување за директор на АХВ на РМ.
Засега ниту Миланов, ниту Агенцијата не соопштуваат која е причината за оставката. Но, претседателот на Асоцијацијата на сточари, Насер Џемаили излезе со тврдење во јавноста дека оставката на досегашниот директор е резултат на притисокот и незадоволството на сточарите поради доцнењето на вакцините против сипаници кај овците и козите.
Насер Џемаили, претседател на Асоцијација на сточари: „Ние од порано видовме дека директорот заглави, не може да функционира, не може да се организира. Доцнеше со вакцините и затоа настана цел овој хаос со болестите, ние видовме дека е потребно да си даде оставка. Го цениме тоа што нашиот глас стигна до Владата. Очекуваме новиот директор да биде поорганизиран, инаку пак ќе протестираме.“
Од Агенцијата пак ја отфрлија можноста и демантираат дека состојбата со болеста сипаници кај овците и козите и необезбедените вакцини е главната причина за оставката.
АХВ: „Му порачуваме на господинот Џемаили да не си припишува значење и влијание што во конкретниот случај ги нема. Кадровските одлуки од ваков вид се прашање на лични, политички и институционални одлуки, во кои барањата на Асоцијацијата на сточари не се фактор.“
Инаку, Џемаили неколку дена пред оставката на Миланов најави протести поради задоцнетите вакцини за овците кои се соочуваат со заразната болест и побара оставка од директорот на АХВ. Но, од Агенцијата пак информираа дека вчера на Меѓународниот аеродром Скопје пристигнале 400.000 дози вакцини од Турција и соопштија дека веднаш започнува спроведувањето на итната вакцинација на целата територија на државата.

