Мијалков снимен со црвено „ферари“ во Монако
Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков бил уловен во Монако пред луксузен ресторан со црвено „ферари“. Снимката ја објави порталот „Скопје 1“ кој наведува дека била направена во Монте Карло и објавена на Инстаграм пред 14 часа.
На социјалните платформи вирално се споделува видеото во кое Мијалков излегува од луксузен автомобил и влегува во скап хотел.На самото видеото се гледа како тој пристигнува, го остава возилото за паркирање и влегува во луксузен хотел.
Според проценките достапни на интернет, автомобилот на Мијалков, зависно од годината, може да чини од $ 629,990 до $ 709,900.
Мијалков е на црната листа на САД поодамна, но неговото име дополнително беше спомнато и во последната објава на Стејт департментот со која на црната листа беа ставени Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети. Стејт департментот образложи дека Груби и Беџети зеле мито за да ги застарат судските процеси на Мијалков.Обвинителството отвори предистрага. Мијалков беше обвинет и во случајот за масовното прислушување „Тврдина“, но делото му застаре откако претходниот собраниски состав изгласа измени на Кривичниот законик со што беше намалена предвидената казна и настапи застареност.
Мијалков беше гонет, но многу дела му застареа. Тој доби 24 години затвор и тоа: три години за „Империја“, 12 години за прислушувањето односно „Таргет-Тврдина“, осум години за „Трезор“, 1,3 месеци затвор за „Плацови на Водно“.
Од сите дела, одлежа казна само за случајот „Империја“ во кој во спогодба со Јавното обвинителство призна вина и доби тригодишна затворска казна и конфискација на имот во вредност од, како што првично тврдеше тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, 30 милиони евра. Подоцна имотот му беше проценет на речиси двојно помал износ. Затворската казна за случајот Империја наместо во „Идризово“ ја издржуваше во затворот во Струга, кој е од отворен тип, откако непосредно пред издржувањето ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид.