Мијалков по втор пат позитивен - не дојде на „Плацеви на Водно“
Foto

Мијалков по втор пат позитивен - не дојде на „Плацеви на Водно“

Орце Камчев за прв пат на рочиштето за „Плацеви на Водно“ дојде без затворска придружба, односно како слободен човек. Сашо Мијалков пак не се појави - по втор пат бил позитивен на коронавирусот.

Рочиштето за овој предмет каде и двајцата се обвинети се одложи поради отсуството на Мијалков, па го презакажаа за 24 јануари. Дали ќе се одржи на предвидениот ќе зависи од тоа како ќе се одвива здравствената состојба на Мијалков, бидејќи ако нема симптоми ќе седи во изолација 10 дена, но ако му се влоши состојбата, тогаш 20 дена ќе биде изолиран. Засега Мијалков со лесни симптоми.

Коронавирусот ги спречи да влезат во судница и дел од адвокатите, односно Петар Василев, Гоце Ристевски и Гордана Нацева кои покрај Мијалков и тие се позитивни на вирусот, но нивното отсуство не беше пречка со оглед дека обвинетите имаат повеќе бранители.

Одбраната на Мијалков очекува да се подобри ситуацијата за да може да завршат судењата.

Денеска во судницата дојде и екс генералниот секретар на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски како сведок на одбраната, но неговото сведочење ќе остане за наредното рочиште, каде како сведок на истата страна ќе биде повикан и Дејан Митревски-Урко.

Во предметот „Плацеви на Водно“, Камчев и неговата мајка Ратка Камчева се товарат за перење пари, додека Сашо Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.

Мијалков со гаранција од над 11 милиони евра дека нема да избега, излезе од притвор пред Нова Година каде Обвинителството го врати за предметот Плацеви на Водно, додека Камчев со нешто поситно, сума од околу 11 милиони евра ја напушти Шутка пред Божиќ, каде беше во притвор за овој предмет од март минатата година.

0 Коментари

Остави коментари