Мицотакис од Солун презентираше пакет мерки за поддршка во висина од 2.2 милијарди евра за 2027 година

Зголемување на годишниот додаток за пензионерите; додаток за Божиќ за државните службеници; намален или нулта данок за земјоделци со ниски годишни приходи; зголемување на специјалниот додаток за многудетните семејства; постепено зголемување на минималната плата, се дел од мерките за поддршка во висина од 2,2 милијарди евра за 2027 годишнам, што ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на отворањето на Меѓународниот саем во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Во говорот на свеченото отворање на саемот, како што е и традиција, премиерот на Грција го соопштува владиниот план за следната година, но овој пат Мицотакис се осврна и на долгорочни мерки и на целите до 2030 година, со оглед на тоа што во првата половина од 2027 година во земјата ќе се одржат парламентарни избори.

Грчкиот премиер говорот го започна изразувајќи тага и сочувство за несреќата во која животот го загубија двајцата пилоти на грчкото воено воздухопловство, при пад на Ф-4Е Фантом за време на учеството на авијациски спектакл „Athens Flying Week“, велејќи дека „денешното свечено отворање е во сенка на трагичниот настан“.

Посочи дека по осми пат говори на Меѓународниот саем како премиер и дека веќе има „јасна слика за националните предизвици“, дека е поискусен, но и „пооптимистичен, поподготвен и поодлучен од кога било досега“.

Нагласи дека е време земјата да ги почувствува плодовите од напорите од изминатите години, презентирајќи го владиниот план.

- Ќе опишам сеопфатна визија за националната перспектива, со конкретни и финансиски пресметани интервенции во четиригодишна временска рамка. Станува збор за Патоказот за 2027 година, како вовед во новата програма, рече Мицотакис.

Истакна дека главниот стремеж е придобивките од развојот да му се враќаат на општеството, без при тоа да се стави во опасност фискалната стабилност на земјата.

За земјоделците со годишни приходи 20.000, соопшти целосно укинување данокот на доход, а оние со приходи 30.000, ќе плаќаат данок за 50 отсто понизок.

Годишниот додаток за сите пензионери на над 65 години се зголемува од 300 на 400 евра од ноември годинава и ќе опфати 2,3 милиони пензионери, а за 720.000 вработени во државниот сектор од 2027 се воведува додаток за Божиќ во висина од 500 евра.

Соопшти и една нова, како што рече „иновативна мерка што ќе ја охрабри културата на штедење“ преку „штеден фонд за новороденчиња и новата генерации“, односно државата ќе го удвојува износот што ќе го уплатат родителите, на штедните сметки отворени за новореоденчињата. 

Како што објасни, кога родителите ќе уплатат 100 евра, уште толку ќе обие детето од државата, што значи дека „едно дете на 18 години, од заклучениот капитал ќе има над 60.000 евра како основа“, а мерката е со цел, „да се инвестира во новата генерација“.

За справување со демографскиот проблем најави укинување на данокот на доход до 20.000 евра за семејствата со три деца и зголемување на специјалниот додаток за многудетни семејства.

Дополнително, за станбениот проблем, најави зголемување на данокот на пренос на недвижности од 3 на 15 отсто за купувачи од трети земји, како пример споменувајќи ги Кина, Турција, Израел.

За вработени во приватниот сектор, рече дека целата е минималната плата да стигне до 1.000 евра во јануари 2028.

Соопшти дека долгорочно во следните три години намерата е цената на струјата да се намали за 30 отсто.

- Програмата што ја претставив чини 2,2 милијарди евра до 2027 година и 3,5 милијарди евра до 2030 година. Секогаш се движиме во рамките на постоечкиот фискален простор, нагласи Мицотакис и посочи дека Грција денес поевтино се задолжува од пазарите, споредбено со четири земји од Г7, односно САД, Велика Британија, Данска и од Италија.

Во 85-минутниот говор Мицотакис се осврна и на низа други теми, миграцијата, енергетиката, одбраната, а со оглед на тоа што е последен Меѓународен саем пред изборите во првата половина на 2027 година, говореше и за целите за следните четири години.

За новите мерки што ги соопшти вечерва, но и за сите актуелни теми, се очекува грчкиот премиер утре детално да говори за време на традиционалната прес-конференција на маргините на Меѓународниот саем во Солун.

Во пресрет на свечено отворање на саемот, како и секоја година, во Солун се одржаа низа протести организирани од синдикатите против владината политика.