Мицотакис: Новата влада да го користи само името Северна Македонија во и вон земјата, во спротивно ќе има проблеми во односите и со Грција и со Европа
Без апсолутно почитување на Договорот од Преспа за прашањето за името, не може да се постигне никаков напредок на долгиот пат на Скопје кон Европа, ова е уште една од низата предупредувачки пораки до идната влада во Скопје кои грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги упатува, откако македонската претседателска Силјановска на инагурацијата не го употреби уставното име.
Тој за ЕРТ посочува дека во основата на договорот од Преспа е концептот на именување, односно името Северна Македонија да се употребува „ерга омнес“ и да важи за сите, односно да се користи и внатре и надвор од државата. Мицотакис посочува дека ќе ги чекаат официјалните ставови на новата влада, но потенцира дека првите примери на однесување се исклучително негативни.
- Сакам да потсетам дека не гласавме за Договорот од Преспа, бидејќи изразивме силна резерва за тоа што со овој договор се признава македонската нација и македонскиот јазик. Тоа беше главната причина што не гласавме за договорот. Но, по прашањето за името има многу јасно повлекување и сакам уште еднаш да упатам предупредувачка порака до новата влада, отсега да ја смени линијата. Да се почитува оваа централна одредба од Договорот од Преспа, да се користи само името Северна Македонија во и надвор од државата, кога се споменува нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија“. - рече Мицотакис.
Мицотакис во интревјуто открива дека лично интервенирал до раководството на Европската Унија за изјавите како што вели на претседателот на Северна Македонија.
- Јас лично интервенирав да го информирам раководството на Европската Унија за изјавите на претседателот на Северна Македонија. Осуди имаше и од претседателот на Комисијата и од претседателот на Советот и од САД. Така, верувам дека ќе се изврши севкупен притисок врз раководството на Северна Македонија да не направи значително повлекување. - рече Мицотакис.
Реакциите од грчка страна се интензивираа и по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој јавно кажа дека ќе го применува истиот пристап како Силјановска, односно дека изборот дали ќе го користи уставното име е негово човеково право. Да се почитува преспанскиот договор побара и МНР, но и ЕУ како од Стејт Департментот кои испратија порака до официјално Скопје каде побараа да се почитуваат меѓународните договори, а САД ќе продолжат да ја поддржуваат целосната интеграција на земјата во евроатлантската заедница.
По средбата на ЕУ амбасадорот Дејвид Гир и шефицата на државата пак од кабинетот на претседателката само порачаа дека Силјановска за време на разговорот со Гир се изјаснила дека местото на Македонија е на иста маса со европските земји.