Мицотакис најави притисок врз Скопје во процесот на евроинтеграција
Foto

Мицотакис најави притисок врз Скопје во процесот на евроинтеграција

Негативните последици од Преспанскиот договор ќе се ублажуваат со две алатки, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Непосредно, пред пратениците да му изгласаат доверба нему и на неговиот владин кабинет, Мицотакис во обраќањето пред пратениците истакна дека двете клучни работи на кои ќе се фокусира грчката Влада се, процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија да се користи како алатка за притисок и силна поддршка за брендот „Македонија“. Ова е, како што рече Мицотакис, за да се намалат негативните последици од Договорот од Преспа. Од говорницата тој директно му се обрати на неговиот претходник, лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас.

„Неопходно е да се бориме за да ги ублажиме негативните последици користејќи го како алатка за притисок процесот на интеграција на Скопје во Европската Унија. Мораме да дадеме и силна поддршка на македонските производи, кои вие ги оставивте на нивната судбина. Потребно е и спроведување голема светска комуникациска кампања за автентичната грчката Македонија. Ова го кажав и ќе го сторам тоа. И ако господине Ципрас не сакате да дадете поддршка, бидејќи сметате дека договорот што го потпишавте е толку важен, сами ќе го сториме тоа“. - изјави Кирјакос Мицотакис – премиер на Грција.

За време на тридневната расправа за доверба на Владата на Мицотакис, во врска со надворешната политија , свое обраќање имаше и лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер, Алексис Ципрас, кој директно му се обрати на Мицотакис, потенцирајќи дека му е драго што како премиер одлучил да ја задржи националната линија за еден национално корисен договор.

„Господине Мицотакис, една и пол година, Вие и вашите членови бевте протагонисти во протестите за македонското прашање. Ги прифативте радикалните кои беа на протестите и многу пати го даваа ритамот на овие протести. Многу од вашите членови не нарекуваа предавници. Некои од пратениците на СИРИЗА најдоа насилници пред нивните домови. Дали сега е добар Договорот од Преспа.“ - изјави Ципрас – лидер на СИРИЗА.

Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас во однос на приоритетите на Владата во врска со новите закони, објасни дека во следните денови во Парламентот ќе бидат доставени првите три закона што треба да се изгласаат, а кои се однесуваат на пофункционална држава, намалување на даноците, укинување на студентскиот имунитет и промени во Кривичниот законик.

 

0 Коментари

Остави коментари