Мицкоски за ТВ 24: Имајќи го предвид Уставот и законите ја дадов заклетвата со придавката
Христијан Мицкоски претседател на владата и на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата 24 анализа рече дека на приемот кај претседателката Силјановска Давкова и не зборувале за заклетвата, на која Мицкоски се заколна под уставното име. Вели дека нејзиното заколнување со името Македонија не било пробно за да се види како ќе реагира меѓународната заедница.
- Со неа имаме добри и исклучителни односи и таа е додадена вредност во нашата политика. Јас не сум политичар со задни намери, ниту таа. Изборниот законик во делот на заклетвата е таков каков што е, имајќи го предвид Уставот и законите ја дадов заклетвата со придавката. Ќе биде лицемерно ако одам во Вашингтон и пред мене е плочката со придавката и јас да кажам не го користам. Што ќе им кажам на граѓаните, тоа што го гледате, не го гледате или да ја скршам плочката и да излезам од самитот на НАТО? Ќе го слушате премиерот како го користи терминот Македонија, но таков е Уставот и целокупниот систем на комуникација ќе биде се додека ваквиот Устав е на сила. Јас сум трпел политички штети кога сум велел дека Преспанскиот договор е реалност. Нашите поддржувачи и граѓаните кои гласаа за нас точно ја знаеја пораката. Не беше пораката дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го искине Преспанскиот договор и дека ќе го врати името. - вели Мицкоски.