Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не беше дел од организацијата на протестите
Ниту Извршниот комитет, ниту било кој член на ВМРО-ДПМНЕ не е дел од организацијата на самороганизирањето на народот што се случуваше во тој период, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешното сведочење во Кривичниот суд во Скопје на рочиштето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Тој, како сведок на одбраната требаше да се појави и на минатото рочиште, на кое не дојде поради лични причини.
Посочи дека народот се самоорганизираше и тоа не само тој ден, туку и во претходните денови и месеци при што бројката варираше од неколку стотини во некои денови до неколку илјади во други денови.
Во изјава за медиумите по завршувањето на сведочењето, Мицкоски посочи дека и самиот бил дел од тие протести кога можел зашто, како што рече, протестирале против погрешните политики во најава кои тогаш беа актуелни во државата.
-Ценам дека тој начин е демократско право на секој граѓанин во демократска држава да изрази револт против определени политички девијантни однесувања на определени политички структури и политички партии, во случајот тоа беше СДСМ и она што тие во тој период го најавуваа доколку е партија која ќе ја формира владата. Дел од тој народ кој се самоорганизраше бев и јас тогаш кога времето ми дозволуваше и кога можев да им дадам поддршка на тие протести заради државните функции кои ги обавував во тој период, изјави Мицкоски.
Според него, очигледно е дека станува збор за сериозно и жестоко монтиран политички процес кој, како што посочи, има единствена цел да нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ и да врши политички терор врз активистите и членовите на партијата.