Мицкоски: Утре се очекува технички исправна вода во Гостивар
Стручните екипи се уште работат на хиперхлорирање на водоводните инсталации, но најдоцна до утре водата во Гостивар се очекува да биде технички исправна за користење.
Ова денеска го најави премиерот Мицкоски, по загадувањето кое ги остави гостиварци цела недела без вода.
Христијан Мицкоски – Претседател на Влада
„Екипи од скопски Водовод се во Гостивар и работат на хиперхлорирање на инсталациите. Резултатите од анализите се веќе добри и очекувам утре да биде објавено соопштение дека водата е технички исправна за користење. Во рекорден рок од една недела проблемот беше саниран “
И додека гостиварци секојдневно се во исчекување на вода – партиите и денеска продолжуваат со меѓусебни обвинувања на сметка на состојбата во градот.
Опозициската СДСМ и денеска со обвинувања на адреса на власта.
Рената Младеновска – СДСМ
„Колку време му требаше на Клековски да признае дека задоцнија со реакција, дека потфрлија во тоа што е основна обврска на секоја Влада - да се грижи и да ги штити граѓаните? 22 дена Гостиварчани пиеле загадена вода - илјадници граѓани се разболеа. Денови поминаа откако прогласија епидемија и дека водата е неисправна во повеќе населени места“...
Мицкоски пак им порача на социјалдемократите да не шират паника меѓу граѓаните . Вели дека Владата ги завршила обврските на градоначалникот и локалната власт.
Во Гостивар е прогласена кризна состојба откако беше утврдено дека водата е загадена со фекални бактерии, а речиси 4.000 граѓани завршија во болница со стомачни тегоби, по што беше прогласена и епидемија.
Додека партиите се обвинуваат – гостиварци и натаму мора секојдневно да чекаат во редици за флаширана вода, а по цела недела без нормално водоснабдување животот и секојдневните обврски стануваат се потешки.

