Мицкоски: Струјата ќе поскапи повеќе од 10%, му возвраќаат од ЕСМ: Покажува незнаење за производството на електрична енергија

Намаленото производство на струја од страна на државни електрани и неодговорното работење на раководството на ЕЛЕМ повторно ќе удри по џебот на граѓаните - обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. 

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски предупредува од 1. јули не очекува нов ценовен шок и струја поскапа за повеќе од 10 проценти – според него една од причините за ова е и вчерашната поплава во рудникот „Суводол“, која дневно чини милиони. А истовремено апелира на зголемување на домашното произвоство. 

За ЕСМ непознавањето на состојбите е причина за обвинувањата на опозицијата. 

„АД ЕСМ испорачува енергија кон ЕВН Хоум по регулирана цена се со цел високите пазарни цени на берзите да не ги погодат граѓаните. ЕСМ ја надмина енергетската криза со која се соочи државата без ниеден ден рестрикција на струја и без запирање на испораката, вложувајќи ги сите сили“ - порачаа од ЕЛЕМ.

Од „Суводол“ пак, уверуваат се работи на санација на состојбата и непречен ископ на јаглен, кој сепак поради поплавата се одвива под отежнати услови. Повторуваат производството во овој момент се одвива непречено, на депонијата во Битола има доволно количини на јаглен.  

Откако вчера првиот регулатор за поскапувањето на струјата прстот го впери во општините, кои според него, за да ги скусат своите трошоци за струја, формирале јавни претпријатија преку кои електричната енергија за уличното осветлување ја добиваат од ЕВН, по цена за домаќинствата. И со тоа за четири месеци направиле трошок од над 30 милиони евра кој сега регулаторот бара начин како да не го вкалкулира во новата цена која ќе треба да ја плаќаат граѓаните од 1. јули – лидерот на опозицијата вели Законот за енергетика е јасен, и не гледа ништо спорно во тоа што го правеле дел од општините.  

За власта пак, тоа е признание дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ правеле злоупотреби со уличното осветлување.  

За формирање на новата цена на струјата, дел од енергетските компании веќе доставија пресметки на трошоците до Регулаторна. Но, колку ќе плаќаат граѓаните во следните шест месеци, најмногу ќе зависи од тоа каква цена ќе понуди ЕСМ - за да се спречи големо покачување, веќе неколкупати посочија дека е потребно државните електрани да обезбедат 100 проценти од потребите на ЕВН ХОУМ.