Мицкоски: Состојбата на буџетот е како да минало цунами, сега нема пари за зголемување на минималната плата
По најавата на новиот министер за економија дека на следната седница на Социо економскиот совет ќе се разгледа барањето на синдикалците за минимална плата од 450 евра, денеска премиерот Христија Мицкоски вели состојбата со државната каса е во катастрофална состојба, како цунами да поминало и да ја опустошило државата. Мицкоси вели дека ќе ги повика синдикатите и работодавачите на средба самите да оценат дали има можност за зголемување на минималецот. Ако се утврди дека нема, тогаш вели тој ќе се бара решение како да се постигне.
Христијан Мицкоски, премиер
„Недостасуваат 2,5 милијарди денари за редовна исплата на пензиите наспроти ова што претставува дополнително зголемување што го најавивме и ветивме, тогаш можете да сватите за што станува збор. Ако може да се најдат, тие пари ќе ги најдеме заедно ќе седнеме, заедно ќе имаме пресконференција. Јас велам, секој оној кој мисли дека има решение јас сакам да го слушнам.“
Оваа изјава по се изгледа дека малку ќе ги смири работодавачите кои се децидни дека пари за ново зголемување на минималецот нема. Тие велат дека ќе го почитуваат актуелниот закон за минимална плата, односно таа да расте според трошоците за живот и просечната плата. Урамноловската е дополнителна мака од која стопанствениците велат дека најмногу стравуваат.
Ангел Димитров Организација на работодавачи
„Секое покачување на минимална плата надвор од овие предизвици предизвикува еден вид на урамноловка помеѓу неколку категории на работници и дестимулација на добите работници. “
Синдикалците и натаму остануваат на ставот дека доколку не се зголеми минималната плата, од државата ќе продолжат да си заминуваат квалификуваните работници. ССМ бара достоинствени месечни примања за работниците и уверува дека само задоволен работник е добар работник. А со тоа компанијата ќе оставува подобри резултати затоа што вработените ќе бидат попродуктивни. Ова барање за 450 евра минималната плата беше истакнато на последните првомајски протести. ВМРО-ДПМНЕ во својата програма за работа не предвидува толкаво зголемување на минималецот во првите 100 дена од работењето на владата.