Мицкоски: Со Михаилова, Бугарија покажува мускули – таткото и ќерката Михаилови кога-тогаш ќе одговараат!

Демонстрирање политичка моќ и нарушување на меѓусоседските односи. Премиерот Христијан Мицкоски со критика до официјална Софија за случајот со Ива Михаилова. Според првиот човек на Македонската Влада бугарските политичари правеле естрадна ѕвезда од осомничено лице кое на нелегален начин ја поминало македонската граница. Мицкоски е дециден дека и Михаилова и нејзиниот татко ќе одговараат пред македонските власти. 

Оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и целосно расчистување на случајот побара опозициската СДСМ. Од партијата обвинија дека Михаилова слободно ја преминала границата во договор меѓу, како што тврдат, македонските и бугарските власти.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го оспорија конзилијарното мислење на неврологот Иван Барбов. Од владејачката партија тврдат дека медицинската состојба на Михаилова наложувала неврохируршки третман.

Бугарските власти засега немаат соопштено дека презеле конкретни активности за утврдување на локацијата на Михаилова. Бугарското Министерство за внатрешни работи информираше дека таа има двојно државјанство, посочувајќи дека меѓународните и домашните правни прописи предвидуваат можност за одбивање екстрадиција на сопствени државјани. Бугарското МВР се повикува и на член 6, став 1, точка „а“ од Европската конвенција за екстрадиција, според кој секоја договорна страна има право да одбие екстрадиција на свои државјани.