Мицкоски: Со Извештајот на ЕК имаме реална слика за состојбите, граѓаните живеат тешко, борбата против корупцијата клучна

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во извештајот на ЕК имаме реална слика за состојбите, граѓаните живеат тешко, а борбата против корупцијата е клучна. 

 

Рече дека мора човек реално да пристапи на работите и реално да разговара за заедничките предизвици кои ни престојат како држава. 

„Нема да кажувам дека со само два месеци кои се опфатени во извештајот дека сме направиле чуда. И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет а тоа е борбата против корупцијата. Сепак е добро кога ќе се добие и квантификација и една реална слика за состојбите. Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите  за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди. Она што ме охрабрува е што и во овој кус период на новата Влада, Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не беше случај во минатиот извештај. Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1 – темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација“, вели Мицкоски.