Мицкоски смета и дека јавноста е изманипулирана во однос на минималната синдикална кошничкa
И ако во минатото покачувањето на платите беше резултат на трипартитен договор, според премиерот Христијан Мицкоски, сега тоа треба да биде резултат на дипартитен договор меѓу работниците и работодавачите.
Според првиот човек на Владата, барањата на синдикатите треба да бидат усогласени со реалните економски можности. Како што посочува, тие може да осцилираат – од 600 евра, па по одреден период да пораснат и до 1000 евра – за што, според него, Владата нема капацитет да изнајде решение. Мицкоски смета и дека јавноста е изманипулирана во однос на минималната синдикална кошничка, додавајќи дека синдикалните лидери, според него, „пловат во политичко мочуриште“.
Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, во изјава за Телевизија 24 вели дека не ги разбира пораките што ги испраќаат претставниците на Владата. Според него, неразбирлив е и заклучокот на Економско-социјалниот совет, кој, како што оценува, не е донесен согласно реалните потреби на граѓаните што, како што вели, сè повеќе тонат во сиромаштија.
Во однос на синдикалната кошничка, Трендафилов посочува дека владината пресметка не ги одразува реалните потреби на граѓаните, бидејќи е за околу 13 проценти пониска од онаа на ССМ. Сепак, додава дека синдикалните кошнички не ги хранат семејствата – туку платите со кои работниците треба да обезбедат достоинствени услови за живот на своите домаќинства.
Во меѓувреме, од Сојуз на синдикати на Македонија е најавен протест за 14 март. Стартот е од пред Работничкиот дом во Скопје па ќе продолжи кон Собранието, Стопанската комора и Владата, а од ССМ соопштија дека повеќе детали ќе бидат објавени во текот на утрешниот ден.

