Мицкоски предлага Африм Гаши да биде мандатар место Ковачевски

Да се формира техничка Влада во февруари или март 2022 година и да се одржат предвремени избори во мај или јуни истата година, предложи денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој меѓу другото кажа дека неговата партија нема проблем премиер на евентуалната техничка Влада да биде Албанец. Дотолку повеќе што најголемата опозициска партија е подготвена за тоа место да го предложи лидерот на Алтернатива Африм Гаши кој неодамна стана дел од владејачкото мнозниство. За Мицкоски предвремените парламентарни избори се единственото решение во ситуација на реален спор со Бугарија, инфлација, покачена цена на струјата, сиромаштија, растечка корупција. 

А по ваквата изјава на Мицкоски веднаш реагираше вицепремиерот Артан Груби. Тој му порача на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ прво треба да победи на следните редовни парламентарни избори па тогаш да може да предложи Албанец за премиер.  ДУИ, вели Груби, нема да има ништо против тоа. 

А за распишување на предвремени парламентарни избори е и Алијанса за Албанците која наместо техничка, предлага експертска влада. Пратеникот Елми Азири денеска ги повикаа пратениците кои, како што рече тој, уште ја разгледуваат можноста кон спојување со „бродот што тоне“, да размислат мудро и да се повлечат од таквите авантури. 

А за СДСМ дилеми нема. Мнозинството во Собранието е стабилно и нема потреба од никакви технички или експертски влади. Организацискиот секретар на СДСМ и советник во Советот на Град Скопје, Мартин Попов, на новинарско прашање како го коментира барањето Мицкоски за техничка влада во март и организирање на избори во јуни идната година, изјави дека со влегувањето на Алтернатива во коалицијата, следува избор на нова Влада којашто ќе биде посветена на справување со глобалната економска и здравствена криза.

Редовните парламентарни избори треба да се одржат во 2024 година.