Мицкоски: Повикувам на средба на државниот врв, изборите се логично решение, во меѓувреме потребни се итни реформи
„Недобивањето на датум за избори е лоша и непосакувана вест за Македонија.
Треба да бидеме свесни дека државата влегува во разочарување и сето ова е последица на погрешните политики водени во последните неколку години.
Ќе се согласам дека ваквата одлука за недобивање датум е пораз, но тоа не е пораз на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, тоа е пораз на политиките на Зоран Заев и оваа власт. Тоа е политика без концепт, без визија, со многу криминал, корупција, арамилук, неработа и измами.
Оправдано се добива чувството кај граѓаните дека таа политика не втурна во бесконечен круг на многу откажувања, многу отстапки, себепорекнувања, подголтнувања, за да на крајот сето ова да заврши со неуспех.
Македонија има пријатели во Европа, а Европската Унија продолжува да биде наша стратешка цел, и мора да се биде самокритичен и да се признае дека нема датум за отпочнување на преговори затоа што нема реформи. Затоа што народот живее тешко и нема друга држава каде криминалот царува со системот. Имаме систем во распаѓање и власт која што не испорачува правда туку е заштитник на неправдата.
Време е за мудри, логични и одлучни одлуки. Повикувам на средба на државниот врв на која ќе се диксутира за сето ова, а пред се за иднината на Македонија. А, Македонија е пред крупни одлуки кои ќе донесат промени и има иднина за која сите заедно ќе се избориме бидејќи доаѓа обновата. Изборите се важни, но не по секоја цена да се дојде на власт, туку се потребни за да покажеме на светот но и кај разочараните кои ги разбирам совршено дека можеме подобро, можеме поинаку и дека има надеж, Македонија ќе успее.
Го повикувам македонскиот народ и граѓаните на Македонија да ја кренат главата гордо високо, бидејќи секогаш во тешки времиња сме биле пркосни и мудри. Верувајте во себе, верувајте во Македонија. И верувајте во промените кои што ќе дојдат.“ - вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.