Мицкоски повикува на предвремени избори во мај или јуни, без техничка Влада

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека партијата е подготвена да оди на предвремени избори во мај или до средината на јуни без техничка влада.  

- За мајски избори еве нека биде и првата половина на јуни стоиме на располагање.  Не мора техничка влада. Како што е вака ние сме подготвени да одиме на предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски кој денеска беше во посета на Битола. 

Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, јавно подаде рака за предвремени праламентарни избори и дури дека се откажуваат од техничка влада.

-Ја фрламе ракавицата дека не треба да има сто дена техничка Влада, дури и ако тоа им помогне не треба и воопшто да има техничка влада. Подготвени сме веднаш во итна постапка да го смениме Законот за Влада и Изборниот законик и ако треба нека си остане Оливер Спасовски министер за внатрешни работи, нека ги прави оние дејства што ги прави изминативе седум години, нека си останат министерката за култура, нека продолжи на отворена сцена да се понижува самата себе и Битола и Битолчани бидејќи тоа што го прави најмалку доликува на Битола и Битолчани и е најмалку срамно, тоа ќе оставам Битолчани да го ценат и судат, рече Мицкоски.

Според него, бизнис секторот нема да сака есенски предвремени избори, а потоа избори на пролет за претседател. 

-Зошто велам мај, затоа што овие луѓе ако ги прашате дали сакате да има есенски избори оваа година па претседателски избори следната година, еве да бидам попрецизен бизнисот и државата да бидат во грч повеќе од десет месеци тогаш сигурно ќе ви речат ве молам немојте такви глупости да правите. Или сега направете предвремени избори или заедно на еден трошок нека бидат и претседателските и паралемнтарните. Иако можеби оваа моја изјава ќе има и критики од одредени структури, но ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија, народна партија и интересот на народот и е пред се. Ние сме партија која е пробизнис и сакаме овие луѓе да бидат што поуспешни и што  повеќе работни места да отвораат и да понудат за вработените подобри примања, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во Битола.