Мицкоски: По двете поскапувања во јули можно е на почетокот на август да се намали цената на горивата
Откако вчера цените на нафтените деривати забележаа скок, од следната недела се очекува нивно значително намалување.
Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека падот на цената на суровата нафта на светските берзи создава услови за корекција на цените надолу. Според очекувањата на извршната власт, овој тренд на меѓународните берзи директно ќе се преслика и врз домашниот пазар при следната калкулација на регулаторот.
Од Регулаторната комисија за енергетика појаснуваат дека пресметките се вршат врз основа на движењето на цените на нафтените деривати на берзите и курсот на денарот во однос на доларот во изминатите седум дена.
Во меѓувреме опозицијата реагира на бранот нови поскапувања.
„Поскапе горивото, а минималната плата не е зголемена. Толку за буџетот во 'добра кондиција' и за третата економија во Европа. Тоа не е управување — тоа е префрлање од еден џеб во друг додека касата се празни.Граѓаните веќе го чувствуваат тоа: потрошувачката кошничка расте, платите стојат, а пензиите се под знак прашање. Мицкоски може да зборува колку сака дека нема да банкротираме, но реалноста е поинаква — државата се задолжува кај самата себе за да го сервисира долгот кон Кина, додека граѓаните плаќаат сè поскапо за сите производи и потреби.“велат од СДСМ.
Според вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, малопродажните цени на горивата се зголемија во просек за 4,55%.
Останува од почетокот на следната недела да се види колкаво ќе биде најавеното поевтинување на горивата и дали тоа ќе донесе какво било олеснување за секојдневниот буџет на граѓаните, кои сè потешко се справуваат со постојаниот раст на трошоците за живот.

