Мицкоски: Овие десетици илјади млади деца, кои во наредните месеци ќе се натпреваруваат, ќе израснат во луѓе што достоинствено ќе си ја промовираат татковината
Со денешното потпишување на договорот меѓу меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ и Федерацијата на училишните спортови земјава стана дел од „Плазма - Спортските аматерски игри за деца“, кои во изминатите години обединија повеќе од два и пол милиона деца од неколку држави. Најдобрите ќе бидат дел од финалните натпревари, што ќе се одржат во август годинава во Сплит.
Премиерот Христијан Мицкоски на свечениот чин во Владата истакна дека е чест за државата да биде дел од овој настан бидејќи, како што посочи, оваа Влада посветува исклучително многу внимание во вложувањето кај младите.
Тој нагласи дека демографијата претставува општ европски проблем и затоа е многу важно младите од најрана возраст да ги образоваме и да ги научиме дека иднината е во нив.
- Втората работа што за нас е важна како Влада е спортот. Јас можам да зборувам како неуспешен спортист во младоста, односно бев прилично успешен кошаркар кога бев тинејџер, тогаш во кошаркарскиот клуб „Работнички“. Се сеќавам, Пеце се спремаше за трансфер во тогашниот „ПОП 84“, тоа беше на почетокот на деведесеттите години, европски шампион во тоа време беше првин „Југопластика“, па потоа како „ПОП 84“, и се воодушевуваме како тој играше во градскиот парк, во таа мала сала што сега ја реновиравме и како Влада го поддржавме нејзиното реновирање. Но, потоа некако животот ме наведе на друга траекторија, во природно-математичка гимназија, па потоа на Машинскиот факултет, па потоа надвор од државата на магистерски, докторски студии, како професор на факултетот и еве веќе две години претседател на Владата - рече Мицкоски.
Премиерот потсети дека со преструктуирањето на Кабинетот, првпат формирале Министерство за спорт, кое пред оваа Влада беше Агенција.
- Се учиме заедно со Борко како е да се биде Министерство за спорт бидејќи пред оваа Влада беше Агенција. Но, мислам, полека, но сигурно, ги поминуваме оние првични предизвици и веќе застануваме на шини и почнуваме да функционираме како институција што треба да биде главна потпора на спортот не само во државата туку и во регионот - рече Мицкоски.

