Мицкоски: Од стратешкото партнерство со Велика Британија - бенефити за железничката инфраструктура и здравството

Да се земаат толкави кредити, а притоа да се блокира европскиот пат на земјава е некоректно. Вака лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја коментира рамката за заем со Обединетото Кралство вредна шест милијарди евра.

Тој вели дека неговата партија ќе го поддржи договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, но побара јавноста да добие повеќе информации за условите на договорот за заем, посочувајќи дека е неопходно Владата да излезе со детали за каматните стапки, рокот на отплата и другите параметри кои ќе влијаат врз економијата и идните генерации.

Опозицијата се однесува незрело во врска со договорот со Обединетото Кралство, врати премиерот Христијан Мицкоски. Тој истакна дека овој договор е историски чекор во стратешкото партнерство и дека средствата ќе се вложат во клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои и модернизацијата на Коридорот 10.

Во меѓувреме, Владата почна да ги открива деталите за тоа како ќе се трошат овие пари. За 5 години земјава треба да добие брза пруга кон Грција, реконструкција на постоечката, со брзини од 160 километри на час за патничкиот и 120 за товарниот сообраќај, воз од Скопје до аеродром и реновирање на железничката станица во главниот град, најави директорот на МЖ инфраструктура, Синиша Ивановски.

Експертите вчера за ТВ 24 предупредија дека шест милијарди евра се исклучително висока сума за Македонија и потенцирајќи дека парите мора да се вложат на начин што ќе донесе најголем економски поврат и одржлив развој. Тие предупредуваат дека без соодветни реформи и контрола, големите задолжувања можат да ја загрозат економската стабилност и иднината на државата.