Мицкоски објави план за борба со загадувањето, вели решението не може да биде магија, опозицијата со контра-обвинување

Скопје и денеска го зазема врвот на листата на најзагадени градови во Европа. Според специјализираната интернет страница за следење на квалитетот на воздухот во поголемите градови и главни градови во светот, „АЈ-кју ер“ денеска го рангира Скопје на 13 место во свет според загаденоста на воздухот, а на второ место во Европа.

Најзагадена е скопската општина Аеродром, односно населбите Лисиче и Ректорат.

Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека Владата има план за решавање на проблемот со аерозагадувањето. Посочи дека разликата не може да се увиди веднаш-резултати вели можат да се забележат за три/четири години, бидејќи претходните години опозициската СДСМ ништо не направила.

„Ние сега сме во потрага по партнери кои на основа на пазарни услуги, а не привилигирани како што имаше стратешки инвестиции во минатото, заеднички со Владата ќе вложат во систем на затоплување на нашите домови којшто ќе биде резултат на согорување на природен гас-когенеративни централи и ќе произведуваат електрична енергија и гас. Имаме во план неколку да направиме и на тој начин цениме дека барем за 60% ќе биде намалено загадувањето. Почнуваме да го развиваме, не може денеска да се реши можеби за три, четири години од денеска бидејќи досега не е ништо направено. Магија не постои, чудо не постои.“ - рече Мицкоски.

Аерозагадувањето повторно причина плус за партиски препукувања. СДСМ со став.

„Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Платформа 1198, стои, дека, цитирам, приоритетни програмски определби на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во областа на заштитата на животната средина ќе бидат: План за обезбедување на чист воздух за сите. Кога беше во опозиција Христијан Мицкоски ветуваше над 1 милијарда евра инвестиции за заштита на животната средина и ветуваше намалување на загадувањето до 50%. Каде е сега милијардата којашто ја најавуваше Мицкоски за борба против загадувањето? Каде се мерките за намалување на загадувањето за 50%?“ - Богданка Кузеска-портпаролка на СДСМ.

Министерство за животна средина и просторно планирање со став дека направен е план за посета и инспекторирање на индустриските капацитети што поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола. Посетите ќе се одвиваат по плански региони во државата, а екипата ќе биде составена од претставници на Државниот инспекторат за животна средина и од Министерството. Целта не е само да се изврши контрола на индустрискот капацитет дали ги исполнува обврските од дозволата, туку и да се влијае на подигање на свеста.