Мицкоски не се појави на распит во полиција, испратил адвокат
Foto

Мицкоски не се појави на распит во полиција, испратил адвокат

Наместо да дојде да објасни зошто во време на пандемија на Ковид 19 и покрај забраната лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски бил затекнат во кафеана во скопско Дебар Маало тој денеска не дојде на информативен разговор во Полициската станица Центар во Скопје. Наместо него на поканата се јавил негов правен застапник кој барал одложување на терминот за сослушување на Мицкоски.

Веднаш по ова се огласи СДСМ преку соопштение за јавноста. 

„Христијан Мицкоски денеска покажа дека свесно и намерно ги крши забраните заради заштита од коронавирусот, но и дека свесно и намерно бега од правдата.  Неговото денешно непојавување во полициска станица за случајот со неговото кршење на мерките и седење во затворен дел од ресторан кој не смеел да работи е непочитување на институциите, законите и обид за бегство од одговорност. Режимската матрица на ВМРО-ДПМНЕ на дело. Шеф на опозициска партија и советник во кабинет на министерот за внатрешни работи прекршуваа забрани, а денеска на секој начин се обидуваат да избегаат од одговорност за тоа“ - СДСМ.

А Љупчо Андоновски поранешен директор на УБК и сегашен советник на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев по давањето на изјава во полицијата рече дека ако и постои вина за прекршување на здравствените протоколи единствен виновник е тој. Според неговото сведоштво пред камерите, Андоновски се јавил кај еден од сопствениците на кафеаната и замолил да ја отворат за да може да се види со Мицкоски. 

Министерот за внатрешни работи пак денеска на прес конференција призна дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, неговиот советник Љупчо Андоновски и сите други присутни таа вечер во затворениот дел од кафеаната направиле прекршок и дека самиот факт што биле повикани во полиција на информативен разговор покажува дека законот важи подеднакво за сите. Сепак, Чулев нема намера да го разреши Андоновски од функцијата советник.

Во кафеана во Дебар Маало во Скопје, на почетокот на месецов инспектори од Пазарниот инспекторат два ипол часа не биле пуштени да влезат внатре сомневајќи се дека во внатрешноста на локалот има гости. Додека чекале да влезат, забележале како кафеаната ја напушта претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.  По ова, тој преку својот Фејсбук профил призна дека бил во ресторан на Боемска улица и седел во затворениот дел што, во тоа време, беше спротивно на здравствените протоколи но како што тврдеше не бил информиран за новите правила на работа на кафеаните.

0 Коментари

Остави коментари