Мицкоски не прифаќа безусловни уставни измени, Филипче тврди дека државата е во изолација
Политичката изолација води директно кон економски колапс – предупреди утрово лидерот на СДСМ, Венко Филипче, коментирајќи ги последните пораки на еврокомесарката Марта Кос за руското влијание и „тројанските коњи“ како сериозен аларм за Македонија.
Тој ја обвини власта дека свесно го кочи евроинтегративниот процес и дека наместо неповратни милијарди евра од европските фондови, земјата ја задолжува со сомнителни кредити, додавајќи дека реалноста ја демантираат сè попразните фрижидери на граѓаните и најавениот ценовен шок со струјата.
Премиерот Христијан Мицкоски пак возвраќа дека ваквите обвинувања се очајнички обид на СДСМ за креирање вештачки кризи и потенцира дека претстојниот прилив на пари од европскиот План за раст е најопиплив доказ дека Брисел ги вреднува домашните реформи. Мицкоски ја сврте реториката кон опозицијата, порачувајќи дека вистинските „тројански коњи“ во земјава се токму оние кои со години ја уназадуваа економијата, и децидно повтори дека за Владата нема „План Б“ – евроинтеграциите остануваат стратешка цел, но со заштитено национално достоинство.

