Мицкоски: Македонија е во првите пет европски земји со најниска месечна инфлација

Додека статистиката покажува годишен раст на инфлацијата од речиси 5 проценти, Владата уверува дека Македонија има една од најниските стапки во Европа. Според последните податоци, цените на мало растат, а месечната инфлација бележи зголемување од 0,7 проценти. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека, и покрај растот, земјава е меѓу најстабилните во Европа и дека мерките даваат резултат.

Од Владата уверуваат дека ситуацијата е под контрола и дека трендот се следи внимателно, особено по намалувањето на даноците и интервенциите кај цените на горивата. Но, опозицијата гледа поинаква слика. Од СДСМ обвинуваат дека власта се обидува да ја прикаже состојбата подобра отколку што е, додека реално граѓаните се соочуваат со раст на трошоците за живот. Тие предлагаат и конкретни мерки – намалување на ДДВ за основните прехранбени производи, со цел директно да се намалат цените и да се олесни притисокот врз домашните буџети.

Дополнителна загриженост доаѓа и од бизнис заедницата. Претседателот на Сојузот на стопански комори предупредува дека вистинскиот притисок врз цените на храната допрва ќе се почувствува. Според него, по завршувањето на летната жетва, можно е ново поскапување, особено во периодот септември–октомври, кога ќе се видат реалните ефекти врз пазарот.

Во вакви услови, економистите предупредуваат дека и покрај релативно пониските стапки во споредба со дел од Европа, клучно е како инфлацијата се одразува врз домашниот буџет и куповната моќ на граѓаните.