Мицкоски - Курти: Дипломатските односи помеѓу Македонија и Косово не се нарушени
Курти и Мицкоски подадоа рака, инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Османи, нема да ги наруши дипломатски односи. По скоро двочасовна средба, двајцата премиери со ист став - чекааат правна разрешница.
Од македонска страна има жалење, нема извинување. За косовската влада, пак, случајот со Вјоса Османи, не е провокација, туку непријатно искуство.
Мицкоски, порача дека на комерцијалните летови на скопскиот аеродром, се следат јасни меѓународни процедури, кои важат и за него и за претседателката Сиљановска, но сепак, испрати отворена понуда до Османи, следниот пат, лично да ја придружува кога патува преку Македонија.
- Жалиме и не сакаме тоа да се повтори. Јас лично истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена, како и сите граѓани од Косово и лично следниот пат, доколку ја добијам навремено информацијата, ќе ми биде задоволство да ја пречекам на аеродромот и заедно со мене додека не отпатува од Скопје ќе ја придружувам во времето кое што ќе го помине на скопскиот аеродром, за да избегнеме ваков тип на инциденти. - рече Мицкоски.
Иако на официјалната страница претседател на Република Косово, стои реакцијата за инцидентот опишан како провокација, Албин Курти, изјави дека не слушнал и не видел дека некој официјално ја обвинил Македонија за провокација и за намерно малтретирање на косовската претседателка. На почетокот на обраќањето, кратко изјави дека Османи, на ВИП излезот била со двете деца и семејството и дека тоа е тешко искуство.
- Не знам дека сме имале како институции таков став. Може да го кажал некој од граѓаните на Косово, но не и институциите. МНР даде своја изјава, што е став на Република Косово. Никако тензии, нека се расветли случајот, тука се соодветните органи кои ќе го направат тоа. Премиерот Мицкоски и јас не можеме да бидеме и цариници и полиција и тие што го надгледуваат аеродромот. - изјави Курти.
А Мицкоски немаше одоговор - дали ќе бара политичка одговорност од собранискиот спикер Гаши, кој го испратил неговото лично обезбедување на аеродромот. Посочи на одговорност, кон членот на обезбедувањето на Гаши.
- Доколку има кривично дело констатирано, тој ќе биде изведен пред лицето на правдата. Не постојат луѓе кои се над законот, барем додека јас сум премиер. Ако ова што вие го тврдите се потврди, бидете сигурни дека за тоа лице ќе има одговорност. - рече Мицкоски.
Премиерот изјави и дека два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври 2023та година, со единствена разлика што сега имало јавност, а тогаш не. Не откри кои се случаите, но испрати порака до, како што кажа - политичарите кои сега црвенеат (од срам за тоа што се случи), дека собираат ситни политички поени, но и дека нема да им успее.