Мицкоски ја обвини власта за редефинирање на државата во бинационална

Македонија е на чекор до тоа да стане бинационална држава обвини и денеска опозицискиот лидер Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања поврзани со уставните измени.

Директно го впери прстот во коалициските партнери во владата дека т.н проевропски фронт според него е антидржавен и обвини дека тоа не и е од корист на државата и дека всушност работната група која ќе работи на уставните амандмани се обидува на голема врата не само да ги внесе Бугарите туку и да отвори низа други прашања кои се контрапродуктивни за државата. 

Од СДСМ пак денеска исто така преку пресконференција возвратија дека ова е само една од низата невистини и лаги кои ги сее опозициската ВМРО-ДПМНЕ како алиби за тоа дека не сакаат да се приклучат на проевропскиот фронт и како што велат ќе останат неми послушници на Левица.

Во петок пак повторно ќе се состане работната група која работи на измените на уставните амандмани. И додека се интензивираат средбите на нејзините членови растат тензиите помеѓу власта и опозицијата по однос на оваа тема, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од своите позиции и покрај пораките од меѓународниот фактор партиите да постигнат консензус за земјата да може да ги продолжи евроинтегративните овие процеси.