Мицкоски: Инвестицијата од 500 милиони долари на Алказар Енерџи во ветерен парк е најголема во регионот

Alcazar Energy Partners, водечкиот инвеститор во обновливи извори на енергија во пазари во развој, го објави почетокот на инвестицијата на најголемиот парк на ветерници во Северна Македонија со капацитет до 400MW. Проектот претставува клучен чекор во компаниската цел да ја развие најголемата платформа за обновливи извори на енергија во Западен Балкан.
 
Инвестицијата, што ќе ја надмине бројката од 500 милиони американски долари, ќе биде најголема во Македонија, а со тоа и еден од најголемите проекти во Западен Балкан. Македонскиот капацитет ќе се зголеми за пет пати кога ветерниците ќе бидат целосно оперативни. Финансиското затворање на целата операција и добивањето на потребните дозволи, се очекува да заврши во 2025 и изградбата да започне на почетокот на 2026 година.

За македонскиот премиер Христијан Мицкоски, овој проект е значаен за Македонија и за цел регион.

„Пред нас е најголемата инвестиција во обновливи извори на енергија што сме ја имале. Со оваа инвестиција започнува да се остварува владината политика за креирање енергетска независност за Македонија. Со различни инвестиции во областа на енергетиката ќе успееме Македонија да произведува струја за потребите на своите граѓани, а сето тоа што ќе се произведе плус, поради доброто мрежно поврзување, може да се продава на нашите соседи. Паркот на ветерници во југоисточна Македонија ќе го зголеми за пет пати потенцијалот на Македонија во делот на обновливи извори на енергија. Реонот каде треба да се гради паркот на ветерници се наоѓа помеѓу три општини, Карбинци, Радовиш и Штип каде потенцијалот за ваков тип инвестиција е голем“, изјави Мицкоски.