Мицкоски и Курти разговарале и за екстрадиите на Блерим Рамадани и на осудените во „Монструм“
Барањата за екстрадиција од Косово на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осудени на доживотен затвор за случајот „Монструм“ била една од темите на кои денеска премиерот Христијан Мицкоски разговарал со својот косовски колега Албин Курти.
Ова прашања, како што посочија двајцата премиери ќе продолжи на ниво на министри за правда. Курти откри дека случајот како предмет сега е покренат во Специјалното јавно обвинителство во Косово.
- Дискутиравме за двете прашања, нашите министри за правда ќе бидат во постојан и директен контакт, сè ќе биде во правец на општата вредност која е заснована на уставот и законите, постапките и институционалните процедури во двете земји, но исто така и во рамките на добрососедските односи кои ние сакаме да ги негуваме. Случајот за двајцата бегалци исто така е покренат во Косово, како предмет сега е покренато во Специјалното јавно обвинителство на нашата држава. - рече Курти.
Мицкоски пак коментирајки го случајот Монструм кажа дека како држва очекуваме добрососедските, билатералните односи да одат во позитивен правец, а не да уназадуваме. Министерот за правда, пак Игор Филков пред пет дена кажа дека потпишал барање за екстрадиција на осудените за случајот „Монструм“ - Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и дека овие барања се доставени до косовското Министерство за правда.
Хаки Азири пак, еден од осудените за случајот ,,Монструм”, од неодамна повторно е слободен граѓанин, односно излезе од затвор. Тој ја издржа деветгодишната казна која му беше досудена за вмешаност во петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, односно за убиството на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски, како и за рибарот Борче Стевковски.
За убиството на четирите момчиња и рибарот, зад решетки завршија само тројца. Агим Исмаиловиќ, кој издржува казна доживотен затвор, Фејзи Азири, осуден на 15 години, и Хаки Азири, кој доби 9 години. На доживотен затвор, во отсуство, беа осудени и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.