Мицкоски ги замрзнува односите со Пендаровски
Foto

Мицкоски ги замрзнува односите со Пендаровски

ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со Претседателот Пендаровски. Христијан Мицкоски, заедно со целата пратеничката група на опозициската ДПМНЕ денеска маршираа до кабинетот на шефот на државата, со цел, да им се објасни, зошто, како што велат тие, неуставно е доделен мандат на пратеник којшто нема докажано мнозинство во рамките на Парламентот.

После час и половина дискусија зад затворените врати во Вила Водно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ без да му пренесе директно, пред медиумите изјави дека Пендаровски ја злоупотребил институцијата претседател на државата и од денеска па натаму нивните односи се замрзнати. 

„За жал денеска сето ова тој во една реченица го поби, откако одлучи да го даде мандатот на пратеникот Зоран Заев којшто нема до овој момент парламентарно мнозинство. И на тој начин брутално ја приватизираше и ја злоупотреби позицијата Претседател на државата. Ќе ве потсетам ВМРО-ДПМНЕ како опозиција ниту во еден момент не го дискутираше мандатот на Претседателот на државата господинот Пендаровски, напротив тој е единствениот којшто не бил оспоруван од страна на опозицијата“ - рече Мицкоски. 

Веднаш по објавата на Мицкоски се обрати и претседателот Пендаровски и порача дека не може мандатот да го чува во фиока, затоа што роковите течат и доколку до утре вечер не го предаде мандатот, дури тогаш ќе го прекрши Уставот. Тој изјави дека Заев е единствениот кој вчера го известил дека е во преговори. Доколку во наредните 20 дена не успее да формира Влада, мандатот ќе биде вратен. 

За шефот на државата овој потег на Мицкоски е испровоциран од внатрешно – партиски причини. 

„Нека постапат како сакаат, ова е демократија. Но ако за 20 дена Заев не направи влада ве уверувам дека Мицкоски на истекот од тој рок, ќе дојде од сабајле овде во оваа институција да го бара мандатот иако односите му се замрзнати“ - рече Пендаровски.

Пендаровски пред новинарите се изјасни и дека според сите документи во претседателската вила, ниту еден претседател од Киро Глигоров па досега, не барал матични броеви, нотарски заверени изјави освен неговиот претходник, Ѓорге Иванов кој на Заев му побара гаранции при доделувањето на мандатот, откако претходно мандатот беше вратен од Груевски.

0 Коментари

Остави коментари